Свети Трифун

Закроена виновата лоза- надеж за плодна година и добро вино

14.02.2018 16:33

Се празнува Свети Трифун, заштитникот на лозарите. Државниот врв во Тиквешијата на традиционално закројување на винова лоза. Надлежните најавија повеќе мерки за подобрување на состојбите во земјоделството...

Македонските лозари го прославија празникот Свети Трифун. Ден кога се закројуваат лозите и се пие вино. Празникот на лозарите е празник на верба во плоден род и добро вино. Традиционално и годинава претседателот Иванов симболично закрои винова лоза и упати желби за родна година. Градоначалникот на Кавадараци порача дека државата треба да им помогне на лозарите.

„На овој ден посакуваме годината да биде родна и благородна, да биде успешна, не само за винарите и за лозарите туку и за сите нас“, рече претседателот Иванов.

„Овој Свети Трифун да биде почеток за една нова ситуација во лозарството, за едни нови стандарди, за да можеме сите лозари да ги вдомиме во винарските визби“, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во Неготино, министерот за земјоделство Николовски рече дека е предвидено зголемување на субвенциите за сите лозари. Информираше дека е донесена нова Национална програма за земјоделството и руралниот развој за следните пет години. Со премиерот Зоран Заев ја посети Тиквешијата.

„Новина е и подршката од 12 илјади денари во делот на реконструкцијата на лозовите насади, односно обнова на сортите и на старосната структура на лозјата“, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Се верува дека Свети Трифун ја штити лозата од град и штетници се верува дека на овој ден треба да почне градинарството.

 

Дијана Ценевска