Заев: Три точки со Грција се затворени, достоинството и идентитетот се многу важни

14.02.2018 16:09

Од седум појдовни точки, дојдовме до четири, три се отстранети- премиерот Заев откри како течат разговорите за прашањето за името со Грција. И по средбата во Виена, останува оптимист. Вели- се обидуваат да се изгради внатрешен консензус во земјава. Атина останува на ставот- сложено име за севкупна употреба...

Достоинството и идентитетот се многу важни. Од седум позиции на почетокот, сега разговорите за името со грчката страна се намалени на четири- изјави премирот Зоран Заев. Не прецизираше кои три поглавја од полесните се затворени со Грција. Тој и по разговорите на министрите Димитров и Коѕијас со медијаторот Нимиц во Виена е оптимист. Не соопшти детали од состанокот за, како што рече, разговорите да не се одвиваат преку медиуми.

„Достоинството е многу важно, идентитетот е многу важен. Оттука кажуваме сѐ. Да му дадеме шанса на преговарачкиот процес, а да не навлегуаваме во деталите на самите точки. Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, Уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се спомнуваа. Тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение. Нацрт договорот, е еден од алатките, се прават одредени скицирања за можни решенија, влијанија врз двете страни, како тоа би било прифатено од граѓаните на двете страни, од институциите и слично. Едно од тие скицирања е и нацрт верзија за меѓународен договор, спогодба меѓу двете страни, што секако на крајот се надеваме дека треба да биде ратификувана во парламентите“- изјави премиерот Заев.

Се испорачуваат одредени позиции од нашиот партнер од грчката страна за одредени линии, но јас верувам дека треба да изнајдеме решение за доброто на граѓаните од двете земји- рече премиерот. Посочи дека обидува да се изгради внатрешен консензус, а конечното решение ќе оди на референдум за граѓаните да го потврдат. Заев уште еднаш повтори дека за него е прифаливо решение со географска одредница.

Во меѓувреме, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос изрази оптимизам дека може да се постигне заемно прифатливо решение. Повтори дека Атина е за сложено име за севкупна употреба, за што, како што изјави, предуслов е уставна ревизија.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција по средбата во Виена заклучиле дека треба да продолжат со напорите за изнаоѓање решение под покровителство на Обединетите нации. Можна е и нова средба меѓу Димитров и Коѕијас на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Софија.

 

Миле Ристески