Свети Валентин- светла точка за заљубените и трговците

14.02.2018 15:56

Буќет цвеќиња и плишани мечиња. Свети Валентин- светла точка за заљубените и трговците. За едните- можност за добра заработка, за другите повод за повеќе љубов. Присвоениот празник омилен меѓу младите. Повозрасните верни на чашата вино...

Ако е во виното вистината, во љубовта е иднината. Рози, плишани мечиња, долна облека, романтични вечери, чоколади... се дел од подароците кои младите си ги подаруваат на Денот на вљубените. Има и такви што не го прифаќаат, сметајќи го за помодарство наметнато од запад. Тие со чашка вино го прославуваат Свети Трифун.

„Свети Валентин не го славам баш, повеќе Свети Трифун, дека сум од Кавадарци.“

„Свети Трифун го славиме заедно со Валентин, прво чашка вино, па после доаѓа Валентин.“

„Не, не го прославувам Свети Валентин, зошто не сум заљубена, не сум во врска, а не го прославувам нити Свети Трифун, зошто не пијам алкохол“, велат дел од граѓаните што ги анкетиравме.

Цвеќарите и угостителите се потрудиле на овој ден да ги украсат излозите. Сите се во знакот на љубовта и виното. За сечиј вкус има идеален подарок за да се прослави овој ден. Во светот за Свети Валентин се испраќаат повеќе од 192 милиони честитки, со што ова е вториот по популарност празник, веднаш по Божик.

За некого е празник на виното, а за други на љубовта. Но, едно е сигурно, на 14-ти февруари е датум кој секоја година го минуваме во друштво на саканите и пријателите.

 

Александра Спировска