Прилеп подготвен за меѓународниот карневал „Прочка 2018“

14.02.2018 15:40

Прилеп е подготвен за 17-тото издание на меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Тридневните карневалски свечености ќе донесат многу оригинални поединечни и групни маски од земјава и странство, многу мајтап, иронија и отсликување на состојбите во кои живееме. Се очекуваат околу 1.000 учесници...

Околу 1.000 маскирани, од земјава и странство ќе бидат дел од 17-тото издание на прилепскиот меѓународен карневал „Прочка 2018“. В недела, во центарот на градот ќе дефилираат поединечни и групни современи и традиционални маски. Прилеп е подготвен за карневалскиот спектакал и веќе ги очекува гостие од сите страни.

Тридневните карневалски свечености почнуваат в петок со традиционалната изложба на маски на учениците од прилепските училишта. В сабота е детскиот карневал, а в недела ќе дефилираат маските, ќе се види умешноста на мајсторите, како што велат прилепчани, на преправањето. Мајтапот, иронијата, смеата се меѓу главните одлики на карневалот, а се подготвуваат оригинални маски кои се чуваат во тајност.

В недела вечер, на Прочка е заедничката карневалска забава на гостите.

 

Елизабета Митреска