Кривични за загадување

13.02.2018 16:11

Поднесени кривични против раководители во РЕК Битола и против ЕЛЕМ. Полицијата тврди- има сомнение за дело „загадување на животната средина и природата“...

СВР Битола поднесе кривични пријави за четири поранешни и еден сѐ уште актуелен раководител на подружница во РЕК Битола и против АД ЕЛЕМ. Компанијата се товари за кривичното дело „загадување на животната средина и природата“, а физичките лица за „соизвршителство“ во истото дело.

Пред девет месеци до битолската полиција и ОЈО беше поднесена пријава од Здружението за заштита на животната средина „За нас се работи“. Во синхронизирана активност на надлежните институции, полицијата и обвинителството, биле направени низа проверки на РЕК Битола.

„Констатирано е дека пријавените физички лица, со непридржување на прописите за заштита и унапредување на животната средина и природата, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за заштита- и притоа преку пријавениот субјект, овозможиле да се испуштаат над 50 милиграми на метар кубен штетни честички“, вели потпаролаката на СВР Битола, Лефтерија Миленкоска.

Исто така, во пријавата е наведено дека физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде често се создавале воздушни вртлози од пепел и земја.

Со соопштение се огласи и ЕЛЕМ. Оттаму велат дека раководител во РЕК Битола што е опфатен со пријавата не е од новите назначени кадри. Од компанијата информираат дека им се ставаат на располагање на сите институции за утврдувње на фактичката состојба.

Од минатата година новото раководство на ЕЛЕМ почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, а за тековната година се обезбедени средства за набавка на електростатиски филтри, кои ќе ја спречет емисијата на штетни материи во воздухот- стои во соопштението на АД Електрани на Македонија.

Стевче Митревски