Кривична пријава за измама

Скопјанка измамила повеќе луѓе дека ќе ги вработи во Министерството за здравство

13.02.2018 15:22

Делата ги извршила од јуни до август. Се офајдила со 150 илјади денари. Парите не ги потрошила. Откако ја разоткриле им ги вратила на измамените

36- годишна скопјанка заработи кривична пријава. Измамила четворица, ветувајќи им дека ќе ги вработи во Министерството за здравство како преведувач, референт, медицинска сестра, лаборант. Ги довела во заблуда дека има блиски врски со луѓе кои имаат високи позиции во здравството, и за кратко време би и завршиле работа.

Средбите ги закажувала во кругот на Клиничкиот центар. Во два случаи им понудила и поголема плата, но за возврат им побарала повеќе пари. Делата ги извршила од јуни до август. Се офајдила со 150 илјади денари. Парите не ги потрошила. Откако ја разоткриле им ги вратила на измамените

За кусо време ова е втора измама за ветување на вработувања и стекнување со пари. Измамите и во двата случаи се сторени претставувајќи се дека вработувањата ќе се остварат благодарение на контакти со влијателни владини функционери.

Пред еден месец беше фатена тетовка која измамила петмина кои со надеж дека ќе бидат вработени во јавна администрација и искеширале над 2.500 евра. За посредник го посочувала министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Заработи кривична.

 

Наташа Гркова- Петрушевска