КСС е против зголемување на старосната граница за пензионирање

13.02.2018 14:00

Зголемувањето на придонесите за два отсто би можело да се прифати доколку постои консензус со организациите на работодавачите преку разгледување на краткорочните и долгорочните импликации од реформата.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) не го поддржува предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, затоа што смета дека тоа нема значително да придонесе кон зголемување на пензискиот фонд, како и дека негативно ќе влијае врз работниците, компаниите и економијата.

Зголемувањето на придонесите за два отсто би можело да се прифати доколку постои консензус со организациите на работодавачите преку разгледување на краткорочните и долгорочните импликации од реформата.

Македонија како земја која се наоѓа на последно место во Европа според „одржливиот квалитет на живот“, а како дел од индикаторите кои го определуваат квалитетот на живот се распространетоста на болестите, стапката на невработеност, очекуваниот животен век, состојбата на животната средина, не смее да дозволи работникот дополнително да се оптоварува и со зголемување на старосната граница за пензионирање. Напротив треба да се воведе бенифициран стаж за трудоинтензивните нископлатени работни места и да се воведе можност за предвремено пензионирање под други услови, се вели во соопштението од КСС.

Оттаму сметаат дека е потребно системски да се работи на унапредување на одржливоста на пензискиот систем.