„Фалкон Хеви“

Лансиран автомобил во вселената

07.02.2018 13:20

Од Флорида беше лансирана ракета за евтин превоз на тешки товари до 64 тони во вселената. Наместо сателит, милијардерот Илон Маск во вселената го испрати својот црвен спортски автомобил...

Ракетата „Фалкон Хеви“ е успешно лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. Овозможува носење исклучително тежок товар, а потенцијално и човечки екипаж на месечината и на Марс. Ракетата е во сопственост на приватната компанија „Спејс Икс“ на милијардерот Илон Маск. Со себе носеше црвен спортски автомобил.  Маск, кој истовремено е и на чело на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, рече дека сака повторно да ја стартува вселенската трка.

„Навистина се гордеам со тимот на „Спејс Икс“. Направија неверојатна работа со создавањето на најнапредната и најголемата ракета во светот“, рече Илон Маск, извршен директор на „Спејс Икс“.

Во автомобилот на местото на возачот се наоѓа кукла, а кај воланот пишува „без паника“ што е алузија на „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс. Во моментот на лансирањето на радиото била пуштена песната „Спејс Одити“ од Дејвид Боуви. Маск на друштвените мрежи објави снимка во живо од вселената на која се гледа како автомобилот лебди околу земјата.

„Мислам дека изгледа неверојатно. Може да видите дека е вистинско бидејќи изгледа толку лажно“, изјави Маск.

„Фалкон Хеви“ има двапати поголема носивост од другите ракети, може да понесе товар од 64 тони, што е повеќе од Боинг 737 со патници, екипаж, товар и гориво. Составена е од три „Фалкон 9“ ракети, а три минути по лансирањето две помали ракети се одвоиле и се спуштиле на точно предвидените места.

Од особено големо значење е и тоа што на овој начин патувањето низ вселената ќе биде доста поевтино. Се проценува дека лансирањето на „Фалкон Хеви“ е 90 милиони долари, додека лансирањето слична ракета би чинело околу една милијарда.

 

Марина Ристова