ДИК: Во тек е дистрибуцијата на изборниот материјал

12.10.2017 13:19

Согласно роковникот, ДИК овој материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна 72 часа пред денот на изборите. Изборниот ден почнува в недела во седум, а гласачките места се затвораат во 19 часот.

Државната изборна комисија изутрината почна со дистрибуцијата на доверливиот изборен материјал до општинските изборни комисии за локалните избори, закажани за 15-ти октомври. Согласно роковникот, ДИК овој материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна 72 часа пред денот на изборите. Изборниот ден почнува в недела во седум, а гласачките места се затвораат во 19 часот.

„Дистрибуцијата се одвива според планираното и досега процесот тече како што треба. Претходно до сите општински изборни комисии (ОИШ) го распределивме и недоверливиот гласачки материјал. Тука сме заедно со сопственикот на претпријатието кое по првпат ги испечати гласачките ливчиња и можам да кажам дека ние сме задоволни“, изјави потпретседателот  на ДИК, Реџеп Прекопуца.

Сопственикот на печатница, Филип Спасовски рече дека печатењето на изборниот материјал претставувал интересен проект во кој биле вклучени сите 170 вработени во компанијата. Тој се заблагодари на ДИК за укажаната доверба.

Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Кампањата за првиот изборен круг ќе заврши утре во 24 часот.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.