Ќе се оценува и дали се спроведени претходните препораки за фер и слободни избори

25.09.2017 11:44

Набљудувачите од ОБСЕ- ОДИХР засега се воздржуваат од коментар за подготовката на локалните избори. Ќе чекаат да заврши целиот процес. Најавија дека ќе оценуваат и до која мера се спроведени претходните препораки за фер и слободни избори. Ирина Гелевска разговараше со шефицата на набљудувачката мисија, амбасадорката Одри Гловер.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ ОДИХР има 337 набљудувачи, дали овој број е доволен за ефективно набљудување на изборите во Македонија?

- Повеќе пати сме набљудувале во земјава, па имаме добра претстава колку луѓе ни се потребни да ја покриеме. Долгорочните набљудувачи се брифирани и распоредени низ земјата. Тие се 20. Краткорочните набљудувачи се побарани од земјите- членки, но сѐ уште го немаме конечниот број. Сметаме дека ќе имаме соодветен број на набљудувачи на гласачките места на денот на изборите, при гласањето, броењето гласови и конечните резултати.

Долгорочните набљудувачи веќе имаат некаква проценка за подготовката на изборите. Дали е таа доволна, и дали е прерано да се каже дали се добро подготвени изборите?

- Во право сте. Доаѓаме пред изборите бидејќи е важен целиот изборен циклус и процес, а не само изборниот ден. Затоа доаѓаме однапред и ги следиме разните аспекти на изборите во оваа фаза. Навистина е прерано да се каже, ја задржуваме проценката до финалниот извештај.

ОБСЕ/ ОДИХР веќе имаше неколку препораки за изборите во Македонија, кои се вашите препораки за изборите?

- Некои препораки од претходните избори се ставени во закони, во врска со финансирањето на кампањата, одвојувањето на државата и партиите, и исто така за процедурата на Државната изборна комисија за жалбите и молбите. Ќе видиме во текот на овие избори до кој степен се имплементирани одредени препораки во закони. Останува да видиме и да процениме дали се имплементирани или не во целост.

 

Интервјуто со амбасадорката Одри Гловер може да го погледнете на следниот ЛИНК