Со концерт на „Форплеј“ почнува „Охридско лето“

12.07.2017 09:19

На отворањето на Фестивалот ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е покровител на манифестацијата.

Со концерт на модерниот џез квартет „Форплеј“ и оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Емин Џијан вечер почнува 57. издание на фестивалот Охридско лето.

На отворањето на Фестивалот ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е покровител на манифестацијата.

Членовите на „Форплеј“ вчера на прес-конференција изразија воодушевување од Македонија, каде што прв пат ќе настапат, а музичарот Харви Мејсон ја нарече библиска земја.

Директорот на Фестивалот, Оливер Арсовски најави рекордни 57 настани во претстојните 40 фестивалски денови. Според него, прв пат во историјата на Фестивалот на свеченото отворање ќе има џез настан, кој предизвикал голем интерес кај публиката. Охрид годинава ќе биде домаќин на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји, меѓу кои од Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Русија, Австрија, Канада и други.